Презентација на мониторингот за транспарентноста на Општина Неготино

Средба на СПО КУЛ и партнерската организација НВО Инфоцентарот и со градоначалникот на Општина Неготино, Претседателот на советот и други претставници на општината за транспарентноста и вклучувањето на граѓаните во политиките на локално ниво, на 22 ноември 2019 година, во рамки на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, поддржан од меѓународниот центар Улоф Палме.

  • Општината има добро ниво на транспарентност и отчетност, но таа треба и натаму да се унапредува.
  • Интернет-страницата на општината е функционална и содржи солиден број документи за работата на локалната власт и за услугите што им ги нуди на граѓаните.
  • Сепак, од дизајнерски и технички аспект, таа е застарена и не е лесно пребарлива. Оттаму потребно е нејзино редизајнирање, освежување и унапредување.
  • Препорачуваме интернет-страницата поредовно да се ажурира со документите кои недостигаат, како на пример, буџетот за тековната година, како и да се објават тарифниците за услугите на општината.
  • Добрата практика на консултирање и вклучување на граѓаните треба да се одржува и секако да се збогатува и интензивира со нови и различни содржини.
  • И покрај нерешениот правен статус на месните заедници, општината треба да настојува тие да бидат активни и функционални.
  • Овие напори општината треба да ги интензивира, па дури и да лобира за законски измени со кои ќе се унапреди статусот на месните заедници, како основа за комуникација и вклучување на граѓаните.
  • Натамошното продлабочување на соработката на општината со граѓанските организации, исто така, ќе претставува дополнителен мотив и поттик за граѓаните да бидат про-активни и директно да учествуваат во развојот на локалната заедница.
  • Препорачуваме општината да има јасна и транспарентна политика и процедури за финансиска поддршка на граѓанските организации. Таа поддршка треба да биде вградена во буџетот на општината и да биде на годишна основа.
  • Препорачуваме општината да ги унапреди механизмите за мерење на задоволството на граѓаните.
  • Добро е редовно или повремено да се спроведе анкета на интернет-страницата. Таа може во континуитет да се надополнува со различни прашања кои ќе дадат подетален увид во задоволството на граѓаните за определени услуги или политики на општинската власт.
  • Препорачуваме општината да се стреми да одговара и постапува по пријавите на граѓаните не подолго од 48 часа.